Ливерпул официјално го претстави едно од своите нови засилувања, Фабио Карваљо. „Црвените“ уште на 23 мај објавија дека постигнале договор со Фулам за трансфер на 19-годишниот играч од средниот ред.
Младинскиот репрезентативец на Португалија на „Енфилд Роуд“ ќе настапува со дресот со број „28“.
Карваљо од утре ќе почне да тренира со тимот на Јирген Клоп. Тој е едно од трите нови засилувања за Ливерпул ова лето, заедно со Дарвин Нуњез и со Калвин Ремзи.
„Чувството да се биде во еден од најголемите клубови во светот, ако не и најголемиот, е неверојатно. Среќен сум што сум тука и едвај чекам да започнам. Кога ќе слушнете дека Ливерпул е заинтересиран за вас, има само една мисла во вашиот ум – да се приклучите на тимот. Се надевам дека може да постигнеме големи работи. Веќе разговарав со сите, вклучувајќи го и менаџерот и се чувствувам многу природно“, изјави Португалецот.
Карваљо одигра клучна улога во промоцијата на Фулам во Премиерлигата.