Тоа што порано беше дерби со голем жар, со голема неизвесност за тоа кој ќе биде победник, овојпат беше апсолутна доминација од еден тим – Ливерпул со 4:0 го „здроби“ Манчестер јунајтед за барем привремено да се искачи на првото место во Премиерлигата и уште еднаш да ја докаже супериорноста во однос на своите лути ривали.
Само што започна мечот, во петтата минута, Мохамед Салах одлично му асистираше на Луиз Дијаз за рано водство, по што следуваше најубавиот момент на мечот – песната „You’ll Never Walk Alone“ во чест на отсутниот Кристијано Роналдо, кој вчера објави дека тој и партнерката Георгина Родригез го загубиле нивниот новороден син. Тој, нормално, не беше во составот, но гестот на навивачите на лутиот ривал секако е за почит.
На теренот, во 22. минута од мечот, Мо Салах, конечно, ја прекина својата „суша“ од голови совладувајќи го Давид де Хеа и најавувајќи катастрофа на „ѓаволите“. Само чудо ги спаси Јунајтед од повеќе голови во првото полувреме, во кое имаа неверојатни 28 отсто од поседот на топката. Доминацијата на Ливерпул продолжи и во второто полувреме, кога Садио Мане во 68. минута зголеми на 3:0, а Салах во 85. минута го постигна својот втор гол.
Со победата, Ливерпул има 76 поени на првото место на табелата, два поени пред Сити, кои утре го пречекуваат Брајтон. Јунајтед остануваат шести со 54 поени, колку што имаат и Арсенал пред нив, а токму во следното коло играат со „топчиите“.