Top Sport

Ливерпул и Манчестер јунајтед бараат „кратење“ на Премиер лигата на 18 клуба

Гигантите Ливерпул и Манчестер јунајтед се предводници на новиот проект „Биг пикчр“, со кој се бара целосна промена на системот на натпреварување во англискиот фудбал, кој предвидува кратење на Премиер лигата на 18 клубови, елиминирање на Лига купот и на Комјунити шилд.

Според „Дејли телеграф“, газдите на Ливерпул, „Фенвеј спортс“ се автори на предлогот, кој веднаш е потпишан од сопствениците на Манчестер јунајтед и се бара поддршка од преостанатата „голема шесторка“: Манчестер сити, Арсенал, Челси и Тотенхем.

Планот предвидува контролата на одлуките во лигата да биде поставена во раце на само девет клуба со најголем „стаж“ во Премиер лигата, односно покрај „големата шесторка“ да се додадат и Евертон, Саутемптон и Вест хем. Овие девет клуба ќе имаат дозвола да играат повеќе натпревари во Лигата на шампионите од 2024/25 и сакаат да имаат статус на „долгорочни акционери“, без кои нема да можат да се направат промени.

Системот на влегување во Премиер лигата исто така би бил променет – наместо досегашниот систем на две автоматски места и трет одреден со плеј-оф, во иднина тимовите од третото до петтото место би играле мини турнир против 16-пласираниот тим во Премиер лигата.

Scroll to Top