Напаѓачот на Барселона, Луис Суарез вели дека поразот од 4:0 од неговиот поранешен клуб Ливерпул во полуфиналето на Лигата на шампионите минатата сезона било исто толку болно како црвениот картон на Светското првенство во 2014, кога го гризна Италијанецот Џорџо Кјелини и доби четиримесечна суспензија.
Сите ја видоа Барселона во финалето откако дома со 3:0 ги победија Ливерпул, но на „Енфилд“ во еден неверојатен меч, Ливерпул успеа да победи со 4:0, за потоа во финалето да го победи Тотенхем со 2:0 за шеста европска титула.
„Деновите потоа, назад во Барселона беа најлошите во мојот живот и кариера заедно со Светското првенство во 2014, едноставно сакав да исчезнам од светот. Не сакав да ги носам децата во училиште и сите забележаа дека не сум во ред. Имаше денови кога не сакав да правам ништо“, изјави Уругваецот пред Копа Америка во интервју за „Фокс спортс“.
Поразот од Ливерпул дојде само една година откако Барселона пропушти 4:1 водство од првиот меч во четврт-финалето на ЛШ против Рома, за да бидат елиминирани по 3:0 поразот во Рим. Суарез не верувал дека историјата може да се повтори.
„Не мислев дека е можно бидејќи ние сме Барселона и мислевме дека ќе имаме две-три шанси за гол. Но, станавме нервозни, имавме глупави додавања и многу лош приод кон играта. Не реагиравме на нивните голови и на крај остана само тагата, горчината и разочарувањето бидејќи знаевме дека се прикажавме во лошо светло“, додава Суарез.