Top Sport

Ливерпул на продажба, се чека понуда од над 2 милијарди долари

Англискиот фудбалски гигант Ливерпул наскоро може да се најде на пазарот, откако американскиот сопственик, милијардерот Џон Хенри најавил дека е подготвен да ја предаде контролата на клубот од „Енфилд“.

Хенри, кој исто така е сопственик на безбол тимот на Бостон ред сокс (кој ја освои Светската серија оваа сезона), според „Њујорк пост“ е во процес на „пасивна продажба“ на клубот, што значи дека е отворен за понуди кои ќе ја надминат сумата од 2 милијарди долари.

Ливерпул јавно постојано тврдат дека не се на продажба, а сумата од 2 милијарди долари се гледа како прениска за клуб со ваква традиција. На „Енфилд“ би биле пресреќни да влезат инвестиции во клубот, но под контрола на „Фенвеј спортс“ групацијата.

69-годишниот Хенри честопати е виден на „Енфилд“ во осумте години во кои го купи клубот за 366 милиони фунти, а беше и на финалето на Лигата на шампионите, во кое неговиот клуб загуби од Реал Мадрид.

Оваа вест доаѓа неколку месеци откако британските медиуми тврдеа дека братучедот на сопственикот на Манчестер сити, Шеик Мансур дал понуда од 2 милијарди фунти, но бил одбиен. Шеик Халед бин Заед ал Нехајам, член на кралското семејство на Абу Даби, можеби не го поседува богатството на Мансур, но е еден од најуспешните бизнисмени во Обединетите Арапски Емирати.

Шпекулациите за продажба на Ливерпул исто така доаѓаат по многубројните најави дека и Челси е на пазарот откако рускиот милијардер Роман Абрамович не успеа да добие британска виза.

Scroll to Top