Top Sport

Ливерпул не купува, дали ќе зажали?

Актуелните европски шампиони Ливерпул, очигледно се задоволни од својот тим и не планираат големи засилувања ова лето, но дали е тоа вистинската одлука и дали тие ќе зажалат следната сезона, се прашува Питер Стаунтон во неговата колумна за „Гол“.

Минатата сезона, „црвените“ беа на само една победа од првата лигашка титула од 1990 година и го освоија шестиот европски трофеј со победата над Тотенхем, по што досега ова лето го купија само 17-годишниот Сеп ван дер Берг, холандски дефанзивец, кој веднаш ќе оди во младинскиот тим на „црвените“. Од друга страна од тимот заминаа Даниел Стариџ и Алберто Морено и Дени Ингс.

Ова е тивко лето за тимот на Јирген Клоп, откако Ливерпул во минатото мораше да се справува со заминување на своите најдобри фудбалери за други тимови – Луис Суарез, Рахим Стерлинг, Филипе Кутињо. Постои стабилност, солидност и верба дека на „Енфилд“ можат да се освојуваат титули и тоа е фантастично за навивачите на „црвените“, меѓутоа во Премиер лигата сите постојано мислат на засилувања и парите не мируваат.

Клучното трио, Мохамед Салах, Садио Мане и Роберто Фирмино се обврзани со долгогодишни договори, а на „Енфилд“ сметаат дека засилувањата како Салах, Алисон и Виргил ван Дајк се доволни за освојување на титулите.

Од друга страна, Пеп Гвардиола во Манчестер сити по рекордната сезона со три титули, не останува мирен – Жоао Кансело е главната цел за засилување на одбраната, а Родри веќе дојде од Атлетико Мадрид. Манчестер јунајтед се во процес на обновување на тимот и никој не верува дека можат да се борат за титулата следната сезона, а многу неизвесност постои и во Челси, сега со Френк Лампард на чело и без Еден Азар.

Реал Мадрид минатата сезона дознаа дека со титулите од ЛШ се прикрива силата на тимот, и дека вистински показател е лигата, така што ќе се види дали стратегијата е погрешна или исправна.

Scroll to Top