Атлетико Мадрид им ги вратил парите на навивачите кои имале билети за натпреварот на „Енфилд“, а кои не отпатувале во Ливерпул. Атлетико им ги вратил парите на своите фанови откако од Ливерпул одбиле да ги рефундираат парите.
290 навивачи на Атлетико решиле да ги почитуваат препораките на шпанската влада поради што не отпатуваа на осмина-финалниот реванш помеѓу Ливерпул и Атлетико Мадрид (2:3). Веднаш побарале парите да им бидат рефундирани меѓутоа од Ливерпул одбиле да го направат тоа.
„АС“ ја објави оваа информација без да појасни зошто навивачите веднаш не побарале парите да им ги врати нивниот клуб, бидејќи навивачите билетите за гостинските натпревари во Лигата на шампионите ги купуваат во своите клубови.
Секој клуб за натпреварите што ги игра на гостински терен добива пет отсто влезници од капацитетот на стадионот.
Реваншот Ливерпул-Атлетико се одигра на 11 март. Ден претходно Шпанија прогласи пандемија поради коронавирусот и ги затвори градинките, училиштата и факултетите.
Атлетико на „Енфилд“ имаше поддршка од 3.000 навивачи.