Top Sport

Ливерпул во исчекување на титула – Клоп: Никој не знае што ќе биде на крај

Јирген Клоп признава дека „никој не го знае конечниот исход“ откако неговите Ливерпул засега се приморани да чекаат да бидат крунисани како англиски шампиони првпат по 30 години по затварањето на Премиер лигата поради корона вирусот.

Момците од „Енфилд“ имаат предност од 25 поени на врвот на табелата, но математички уште ја немаат потврдено титулата, и Клоп во писмо до своите фанови вели дека здравјето мора да е приоритет и признава дека не може да вети дека трофејот ќе пристигне во Ливерпул.

„Мислам дека ова не е момент кога мислите на еден фудбалски менаџер треба да се важни, но сфаќам дека навивачите сакаат да слушнат нешто од тимот и затоа сум тука. Прво, правете сè што е можно да се заштитите. Ова треба да е случај секогаш, но сега е уште поважно. Сум кажувал и претходно, фудбалот е најважното од најмалку важните работи. Сега, фудбалот и мечевите не се важни. Секако, не сакаме да играме пред празен стадион и не сакаме одложување на шампионатот, но ако изборот е меѓу фудбалот и доброто на општеството, тогаш нема избор. Никој од нас не знае сега каков ќе биде конечниот исход, но како тим мораме да имаме доверба дека властите ќе направат промислени и морални одлуки. Сепак, во моментов би било целосно погрешно да зборувам за друго освен за тоа да се слушаат советите и да се грижат за себе“, вели Клоп.

Премиер лигата, според планот, би требало да продолжи на 4 април, а Ливерпул на 5 април би гостувале кај Манчестер сити.

Scroll to Top