Top Sport

Ливерпул заработиле најмногу од Премиер лигата

Ливерпул не ја освоија титулата во Премиер лигата, но успаја да заработат најмногу пари оваа сезона од сите тимови кои играа во елитната дивизија на англискиот фудбал.

Според официјалните податоци што ги објавија од Премиер лигата, клубот од „Енфилд“, во претходната сезона, заработил 152.425.146 фунти, што е за 1,44 милиони повеќе од она што го заработиле шампионите од Манчестер сити (150.986.355).

Причина за ваквата распределба на средствата е ткн. „Facility fees“, односно бројот на телевизиските преноси. Натпреварите на Ливерпул во живо биле пренесувани 29 пати (најмногу во лигата), додека дуелите на Сити биле пренесувани 26 пати.

Од ТВ преноси Ливерпул инкасирале 33.461.785 фунти, а Сити 30.104.476.

Од друга страна пласманот на табелата на Манчестер сити им овозможил заработка на 38.730.360 фунти, додека „црвените“ како второпласирани во лигата заработиле 36.451.842.

Кога на овие суми ќе се додадат гарантираните приходи од телевизиските права во Велика Британија (34.361.519), телевизиските права во странство (43.184.608) и од генералниот спонзор (4.965.392), кои се еднакви за сите клубови се добива конечната сума, според која Ливерпул заработиле најмногу пари.

За илустрација Хадерсфил завршија на последното место и заработија речиси 100 милиони фунти (96.628.865).

Scroll to Top