Голманот на Тотенхем, и до вчера прв голман на француската репрезентација, Иго Љорис смета дека неговиот ривал од аргентинската репрезентација Емилијано Мартинез се „правел будала“ при победата на Аргентина над Франција во финалето на СП во Катар, оценувајќи дека тој не би можел да се однесува така.
Мартинез, покрај тоа што беше прогласен за најдобар голман на Мундијалот и осигура Аргентина да го освои трофејот, беше на удар на француската јавност за неговото непристојно однесување откако ја доби „златната ракавица“ и потоа го провоцираше Килијан Мбапе при прославата во соблекувалната и во аргентинската престолнина.
„Некои работи јас не ги правам. Да се правам будала пред голот, да ги вознемирувам противниците и да ја поминам таа линија на однесување. Јас не го правам тоа. Премногу сум рационален и чесен човек да правам така. Не знам како да победувам на тој начин, иако навистина не сакав да загубам така“, признава Љорис во интервју за „Л’Екип“.
Запрашан за прославата, Љорис реши да не даде јасен одговор: „Тој беше осуден за тоа доволно, нема потреба да додавам ништо. За време на пенал-серијата тој ги искористи сите можни трикови да не дестабилизира“.