Top Sport

Лопетеги би можел да го наследи Ди Франческо во Рома

Хулен Лопетеги би можел да го наследи Еузебио Ди Франческо на клупата на Рома, пишува италијанскиот весник „Темпо“. Позициите на Ди Франческо во Рома се разнишани поради лошите резултати од почетокот на сезоната.

Лопетеги е човекот што во интервал од четири месеци доби откази, најпрвин во фудбалската репрезентација на Шпанија, а потоа и во Реал Мадрид. Непосредно пред почетокот на Светското првенство во Русија, шпанскиот Сојуз го отпушти бидејќи без нивно знаење се договорил со Реал, а во октомври поради лошите резултати доби отказ и на „Сантијаго Бернабеу“.

Рома, минатата сезона играше полу-финале во Лигата на шампионите, но работите од почетокот на новата сезона се далеку од идеални. Во првенството екипата на Ди Франческо по 15 кола има само 21 бод и се наоѓа на осмото место, а и во Лигата на шампионите резултатите не импресионираа никого, иако тимот се пласираше во нокаут фазата.

Групата во која беа Реал, Викторија Плзен и ЦСКА Москва, Рома ја заврши со три победи и исто толку порази.

Според „Темпо“, навивачите на Рома повеќе би сакале да го видат на клупата Лопетеги отколку Паоло Соуса или Винченцо Монтела, додека Антонио Конте не е реална опција.

Scroll to Top