Хулен Лопетеги беше и официјално претставен како нов тренер на Реал Мадрид, откако беше отпуштен од позицијата шпански селектор поради преговорите со „Кралскиот клуб“.
Лопетеги, кој ќе го замени големиот Зинедин Зидан на клупата на „Лос Бланкос“, беше отпуштен од Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) во средата, еден ден пред стартот на Мундијалот, и заменет со Фернандо Јеро.
Во Мадрид, тој беше презентиран покрај Флорентино Перез и најави дека ги знае очекувањата на навивачите на кралскиот клуб.
„Вчера беше најверојатно најтажниот ден во мојот живот по смртта на мојата мајка, но денеска е најсреќниот. Ова е емотивен момент за мене и му благодарам на претседателот Флорентино Перез, на Реал Мадрид, за големата доверба која ја имаат во мене. На тоа сум навистина горд“, изјави Лопетеги.
Перез пак, ја објасни одлуката да се именува Лопетеги пред Светското првенство со транспарентност.
„Хулен мора да чувствува спротиставени чувства, бидејќи имаше два сона – да го освои Светското првенство и да биде тренер на Реал Мадрид. Овие соништа беа компатибилни, но некој не го сакаше тоа. Сакавме да го склучиме договорот бргу поради Светското првенство, за да нема шпекулации“, вели Перез.
Фото: ЕПА