Претседателот на Лацио, Клаудио Лотито го нападна „нелогичниот“ декрет на италијанската влада околу забраната за пристап до тренинг-центрите, велејќи дека со ова правило, Чиро Имобиле и Един Џеко ќе џогираат во паркот „Вила Боргезе“, но нема да смеат да бидат со своите клубови.
Одлуката на владата беше критикувана од повеќе фудбалери, тренери и клубови, бидејќи обичните граѓани ќе можат да трчаат на отворено од 4 мај, додека професионалните спортисти ќе мораат да почекаат до 18 мај за да влезат во тренинг-центрите на своите клубови.
„Знаеме дека овој корона вирус нема да исчезне бргу и ќе мораме да се навикнеме да живееме со него. Важно е да се сфати дека и фудбалот има своја улога во општеството. Ако не продолжи ќе имаме сериозна штета која ќе вреди стотина милиони. Владиниот декрет е нелогичен. Некој кој се натпреварува во индивидуален спорт ќе може да тренира, а фудбалерите не. На крајот ќе ги гледаме Чиро Имобиле и Един Џеко како џогираат во ’Вила Боргезе’ или Лоренцо Инсиње како трча на кејот во Неапол. Апсурдно!“, вели Лотито.