Top Sport

Ловрен призна дека му дал „лакт“ на Рамос како одмазда за Салах

Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Дејан Ловрен не престанува со „признанијата“ по заминувањето во Зенит Санкт Петербург, откако во интервју за египетските медиуми призна дека го удрил со лакт Серхио Рамос како одмазда за повредата која ја доби неговиот близок пријател Мохамед Салах во финалето на ЛШ во 2018 година.

Хрватскиот дефанзивец останува близок пријател со египетскиот голгетер, и признава дека му било ужасно кога Рамос го „повлече“ Салах во финалето во Киев, по што тој излезе од мечот со повреда, така што кога најде нова шанса му „врати“ на капитенот на Реал Мадрид.

Ловрен се соочи со Рамос во меч од Лигата на нации на УЕФА во Загреб во ноември 2018 година, кога Хрватска стигна до 3:2 победа, а Ловрен го закачи капитенот на Шпанија со лакт по еден корнер и потоа се пофали со тоа на Инстаграм. Сега, две години подоцна, тој признава дека тоа било намерно.

„Дали намерно го удрив Рамос откако тој го повреди Салах? Да, најверојатно беше така. Не сакам да правам голема приказна од тоа, но тоа што го направи Рамос беше намерно да се повреди мојот пријател, и беше време да се плати за тоа. Лука Модриќ се обиде да ја намали тензијата, но откако го удрив му кажав дека сме нерешено. Го почитувам како фудбалер и тоа што го прави за својот клуб. Тој има освоено многу титули, но некое однесување не му прилега“, вели Ловрен.

Scroll to Top