Хрватскиот дефанзивец на Ливерпул, Дејан Ловрен директно ги нападна своите премиерлигашки ривали кои трошат многу, велејќи дека пласманот на „црвените“ во финалето на Лигата на шампионите покажува дека тимската работа е поважна од големите засилувања.
Манчестер сити со скап тим се „прошета“ до титулата од Премиер лигата во 2017/18 под Пеп Гвардиола, додека Манчестер јунајтед исто така со големи засилувања под Жозе Мурињо се пласираше во ФА куп финалето, а и го освои второто место во ПЛ.
Ниту Ливерпул не „штедеше“ оваа сезона – ги донесе Мохамед Салах, Алекс Окслејд-Чембрлен и Виргил ван Дајк, но Ловрен пред финалето на ЛШ против Реал Мадрид на 26 мај вели дека тимската работа е поважна од милионите фунти.
„Има клубови кои трошат многу пари и купуваат врвни играчи отсекаде, но во фудбалот не е сѐ во парите, туку важно е и кои ти се колегите. Ние имаме тим кој може да се спореди со било кој гигант во светот и го покажавме тоа во Лигата на шампионите. Уште малку одмор и подготвени сме за финалето. Најважно беше да осигураме место во ЛШ и следната година“, вели Ловрен.
Фото: ЕПА