Барселона и покрај тоа што ја имаше играта не успеа да го победи жилавиот чешки претсавник во Лигата на шампионите, Славија Прага, одигрувајќи само 0:0 на „Ноу Камп“, додека РБ Лајпциг стигна до клучна 2:0 победа на гостувањето на „Газпром арената“ кај Зенит Санкт Петербург во првите два меча од четвртото коло во ЛШ.
Лионел Меси во првото полувреме ја погоди пречката, а во второто полувреме им беше поништен гол поради офсајд, но Барселона повторно одигра разочарувачки пред домашната публика неколку дена по изненадувачкиот 3:1 пораз од Леванте во Ла лига.
И покрај поенот, Барселона сигурно ќе остане на првото место во групата Ф со 8 поени, бидејќи Борусија Дортмунд и Интер, кои играат во дербито на ова коло, имаат по четири поени. Славија има две ремија на гости (против Интер и Барселона) и 2 поени.
Лајпциг пак, со головите на Диего Деме во финишот на првото полувреме и на Марсел Забицер во 63. минута стигна до третата победа и е на чекор до пласман во наредната фаза во групата Г каде што уште се и Лион и Бенфика.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 4.КОЛО
ГРУПА Ф
Барселона – Славија Прага 0:0
Борусија Дортмунд – Интер 21.00 ч.
Табела: 1.Барселона 8, 2.Интер 4, 3.Борусија Д. 4, 4.Славија 2
ГРУПА Г
Зенит Санкт Петербург – РБ Лајпциг 0:2
Лион – Бенфика 21.00 ч.
Табела: 1.Лајпциг 9, 2.Зенит 4, 3.Лион 4, Бенфика 3