Top Sport

ЛШ: „Црни“ две минути на „Максимир“ – Јанг Бојс го исфрли Динамо (видео)

Преполниот „Максимир“ веќе го прославуваше влезот во Лигата на шампионите по една година пауза, кога швајцарскиот Јанг Бојс приреди шок постигнувајќи два гола за две минути и стигнувајќи до 2:1 победа над Динамо Загреб и пласман во елитата.

Хрватскиот шампион имаше позитивни 1:1 од гостувањето во Швајцарија, и кога Изет Хајровиќ во седмата минута донесе водство од 1:0, „модрите“ со една нога беа во ЛШ. Меѓутоа, по еден час игра, во 64. минута, на сцена стапи францускиот ветеран Гијом Оро, кој прво беше прецизен од пенал (заслужено досуден), а само две минути подоцна ја искористи конфузијата во одбраната на домашните за да го однесе клубот од Берн во ЛШ.

До крајот на мечот, Хајровиќ ја погоди гредата, меѓутоа на Динамо сега му требаа два гола за да оди понатаму, нешто што беше недостижно.

Покрај Аријан Адеми, и Бобан Николов ќе игра во Лига Европа, откако неговиот МОЛ Види не успеа на гостувањето кај АЕК Атина да ја надополни предноста од првиот меч, кој дома го загубија со 2:1. На „жешкото“ гостување беше 1:1. Во Киев немаше вакви возбуди, откако Ајакс отпатува со 3:1 предност против Динамо, и можеше да си дозволи досаден меч без голови.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, БАРАЖ, 2.НАТПРЕВАР

АЕК Атина (Грц) – МОЛ Види (Унг) 1:1, прв натпревар 2:1, вкупно 3:2

Динамо Загреб (Хрв) – Јанг Бојс (Шва) 1:2, прв натпревар 1:1, вкупно 2:3

Динамо Киев (Укр) – Ајакс (Хол) 0:0, прв натпревар 1:3, вкупно 1:3




Scroll to Top