Top Sport

ЛШ: Фирмино со едно око ги крена Ливерпул, Звезда дебитираше со реми (видео)

Роберто Фирмино за малку ќе останеше без око во текот на викендот, но тоа не му пречеше од клупата да биде „џокерот“ на Јирген Клоп за 3:2 победа над фаворизираните Пари-Сен Жермен во најинтересниот меч од првиот ден на новата сезона во Лигата на шампионите. Во истата група Ц, Црвена звезда првиот настап во групната фаза на ЛШ го комплетираше со реми без голови против Наполи.

Даниел Стариџ и Џејмс Милнер од пенал ги поставија домаќините во удобна позиција, пред Томас Муние да им даде надеж на „светците“, за Мбапе да стапи на сцена во финишот на мечот.

Стариџ своето враќање во првиот состав на Ливерпул го искористи во 30-тата минута, откако по додавањето на Енди Робертсон со глава го совлада Алфонс Ареола, а само шест минути подоцна Хуан Бернат го фаулираше Вајналдум и Милнер беше сигурен до белата точка. Муние во 40. минута ја искористи грешката на Робертсон за да го совлада Алисон, и кога изгледаше дека Ливерпул му зеде „скалп“ на фаворитот, Килијан Мбапе се најде на вистинското место во 86. минута.

Сепак, тука беше Роберто Фирмино, кој влезе на 20 минути пред крајот на мечот и во 92. минута го постигна победничкиот гол за „црвените“.

Во Белград пак, големото славје по враќањето на Звезда во европската елита, не беше прославено со победа, откако Наполи се покажа како цврст тим во одбраната и успеа да извлече реми без голови.

Во групата А, Борусија Дортмунд успеа да стигне до победа на гости кај Клуб Бриж благодарение на американскиот талент Кристијан Пулишиќ, кој имаше многу среќа во 85. минута од мечот, додека актуелните шампиони од Лига Европа, Атлетико Мадрид се вратија од гол негатива за 2:1 победа во Монако.

Во најнеатрактивната група Д од ЛШ, Галатасарај стартуваше со 3:0 победа над Локомотив Москва, додека Шалке и Порто одиграа 1:1.

Фото: ЕПА

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1.КОЛО

ГРУПА А

Клуб Бриж – Борусија Дортмунд 0:1

Монако – Атлетико Мадрид 1:2

ГРУПА Ц

Ливерпул – Пари Сен-Жермен 3:2

Црвена звезда – Наполи 0:0

ГРУПА Д

Галатасарај – Локомотив Москва 3:0

Шалке – Порто 1:1

Scroll to Top