Top Sport

ЛШ: Гол-шоуто на „Вембли“ за Барселона, Ливерпул „падна“ во 90-та минута во Неапол! (видео)

Барселона го совлада Тотенхем со 4:2 на гостувањето на „Вембли“ во најинтересниот меч од второто коло во Лигата на шампионите.

Каталонците дојдоа до брзо водство уште во втората минута, кога Кутињо ја искористи бизарната реакција на голманот Иго Љорис, за во 28. минута, Иван Ракитиќ да го постигне можеби најубавиот гол во својата кариера.

Спарси не беа подготвени да се предадат. Хери Кејн во 52. минута го покажа својот талент со прекрасен гол, но само четири минути подоцна, Лео Меси налета на убавата топка на Жорди Алба да ја врати разликата од два гола. Ерик Ламела во 66. минута упати удар кој закачи еден дефанзивец на Барса да намали на 2:3 и да го направи финишот на натпреварот поинтересен. Сепак, печат на победата на Каталонците стави Лео Меси со својот втор гол во 90. минута.

На крајот, Тотенхем има два порази во првите два меча во ЛШ, за зголемување на притисокот на тренерот Маурисио Почетино по лето без ниту едно засилување за клубот од Лондон.

Интер, втор натпревар по ред во ЛШ се враќа од гол негатива за да има две победи по првите две кола. ПСВ Ајндховен дојде во водство во 28. минута со прекрасниот гол на Росарио, но Интер врати, прво преку Раџа Наинголан во финишот на полувремето по опасната акција на капитенот Мауро Икарди, за потоа Икарди во второто полувреме да ја искористи паничната реакција на домашниот голман за да донесе 2:1 победа.

Дологонајавуваната пресметка на Наполи и Ливерпул на крајот разочара, откако двата тима се мачеа во нападот, пред „партенопеи“ да стигнат до победа благодарение на Лоренцо Инсиње во 90-тата минута по една убава асистенција на Калехон. Малерот за „црвените“ да биде поголем, новото засилување Наби Кеита се повреди уште во првото полувреме.

Борусија Дортмунд ја зголеми кризата на поранешниот француски шампион Монако победувајќи со удобни 3:0 кои можеа да бидат и повисоки доколку Пако го искористеше пеналот во второто полувреме. Атлетико Мадрид, пак, се намачи со белгискиот Клуб Бриж, но благодарение на двата гола на Антоан Гризман дојде до 3:1 победа.

Фото: ЕПА

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 2.КОЛО

ГРУПА А

Атлетико Мадрид – Клуб Бриж 3:1

Борусија Дортмунд – Монако 3:0

ГРУПА Б

ПСВ Ајндховен – Интер 1:2

Тотенхем – Барселона 2:4

ГРУПА Ц

Наполи – Ливерпул 1:0

ГРУПА Д

Порто – Галатасарај 1:0

Scroll to Top