Ливерпул уште еднаш покажа дека е „мајстор“ за пресврти во Лигата на шампионите, откако успеа со неверојатни 4:0 да ја победи Барселона и да ја надополни негативата од 0:3 од првиот натпревар за вторпат едноподруго да играат во големото финале.
Иако никој не им даваше шанси против каталонскиот гигант по високиот гостински пораз, но и поради отсуството на Роберто Фирмино и Мо Салах, „црвените“ благодарение на двата гола на Дивок Ориги и двата на Георгинио Вајналдум стигна до историска победа на „Енфилд“, во меч кој потсетуваше на веќе легендарното финале од Истанбул од 2005, кога Ливерпул се врати од 3:0 негатива на полувреме против Милан да ја крене титулата.
За Барселона, пак, која веќе ја запечати домашната титула, ова е втора шокантна елиминација во ЛШ, откако минатата година заминаа со 4:1 предност кај Рома, и беа елиминирани. Ернесто Валверде можеби е „мајстор“ за домашни титули, но за шестата европска титула на Барса е потребно нешто повеќе.
Мечот започна како што посакуваа „црвените“, откако Дивок Ориги, фудбалерот кој им донесе победа против Њукасл во текот на викендот, успеа уште во седмата минута да го совлада Марк-Андре Тер Штеген, но до полувремето не беа искористени шансите на двете страни во интересниот меч.
Во второто полувреме, „приказната“ беше поинаква и на сцена стапи Георгинијо Вајналдум, кој во 54. и 57. минута ги „замолче“ Каталонците со два брзи гола, по што вкупниот резултат беше 3:3 и сите очекуваа продолженија и потоа и пенали…
Меѓутоа, така не мислеше Трент Александер-Арнолд. Во 79. минута, кога беше досуден корнер за англискиот клуб, а фудбалерите на Барселона уште се „местеа“, Александер-Арнолд забележа дека Ориги е сам во шестнаесетникот и го изведе корнерот за гол и делириум на „Енфилд“.