Top Sport

ЛШ: „Луда“ минута и чудесен пресврт на Звезда за пласман во ЛШ (видео)

Српскиот шампион, Црвена звезда успеа да се пласира во групната фаза на Лигата на шампионите првпат од воведувањето на овој формат на натпреварување откако успеа да направи чудесен пресврт во Салцбург и да извлече 2:2 реми, кое беше доволно по ремито без голови во Белград.

На Црвена звезда и се приклучија и Бенфика и ПСВ Ајндховен со убедливи победи во вторите мечеви од баражот за да ги комплетираат сите 32 клубови кои оваа година ќе играат елитен европски фудбал и ќе делат од богатиот „колач“.

Звезда имаше неочекувано голема поддршка на „Ред бул арената“ од над 9.000 навивачи, но тоа не ги спречи домаќините бргу да стигнат до позитивен резултат. Моанес Дабур во 45. минута  ја искористи грешката на Савиќ за да донесе водство, а ситуацијата изгледаше безилзезна за Звезда кога во 48. минута тој го постигна вториот гол (овојпат од пенал) за 2:0 водство на австрискиот шампион, кој ја елиминираше Шкендија во претходното коло.

Меѓутоа, „црвено-белите“ не се предадоа и на сцена стапи Бен! Во 65. минута, по нафрлање на Дегенек, Французинот беше сам пред голот и не згреши, а само 60 секунди подоцна, повторно комбинација Дегенек-Бен за шок на домашните навивачи.

За Звезда ова, секако, е најголемиот успех во европските натпреварувања по сезоната 1991/92, кога како актуелни европски шампиони испаднаа во натпреварите по групи во Купот на шампиони.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, БАРАЖ, 2.НАТПРЕВАР

ПАОК (Грц) – Бенфика (Пор) 1:4, прв натпревар 1:1, вкупно 2:5

ПСВ Ајндховен (Хол) – БАТЕ Борисов (Блр) 3:0, прв натпревар 3:2, вкупно 5:2

Салцбург (Авт) – Црвена звезда (Срб) 2:2, прв натпревар 0:0, вкупно 2:2, Звезда оди понатаму поради гол во гости.

УЧЕСНИЦИ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2018/19

Реал Мадрид (Шпа), Атлетико Мадрид (Шпа), Барселона (Шпа), Валенсија (Шпа)

Баерн Минхен (Гер), Борусија Дортмунд (Гер), Шалке (Гер), Хофенхајм (Гер)

Манчестер сити (Анг), Манчестер јунајтед (Анг), Ливерпул (Анг), Тотенхем (Анг)

Јувентус Торино (Ита), Наполи (Ита), Интер (Ита), Рома (Ита)

Пари Сен-Жермен (Фра), Монако (Фра), Лион (Фра)

Порто (Пор), Бенфика Лисабон (Пор)

Локомотив Москва (Рус), ЦСКА Москва (Рус)

Ајакс Амстердам (Хол), ПСВ Ајндховен (Хол)

Шахтјор Доњецк (Укр), АЕК Атина (Грц), Јанг Бојс Берн (Шва), Викторија Плзен (Чеш)

Клуб Бриж (Бел), Галатасарај Истанбул (Тур), Црвена звезда Белград (Срб)




Scroll to Top