Top Sport

ЛШ: Звезда рутински во Литванија, два магични гола во Малме (видео)

Црвена звезда е во третото квалификациско коло на Лигата на шампионите, откако српскиот шампион рутински стигна до 2:0 победа на гостувањето кај литванскиот шампион Судува. Следен за „црвено-белите“ е словачкото изненадување Спартак Трнава, кои вчера ја елиминираа Легија Варшава.

На „АРВА арената“, Звезда рано го реши патникот во наредното коло, откако Ел Фарду Бен уште во осмата минута постигна одличен гол од 25 метри по асистенција на Немања Милиќ. Со оглед дека првиот меч заврши 3:0 за Звезда, Судува можеше да игра само за честа, и влегоа офанзивно во мечот, но Немања Радоњиќ ги „казни“ домаќините со гол за 2:0.

Шведските фаворити Малме се намачија за да стигнат до третото коло, откако одиграа 1:1 со ЦФР Клуж и благодарение на победата на гости во Романија од 1:0, одат понатаму каде што ги чека подобриот од дуелот меѓу унгарскиот МОЛ Види и бугарскиот Лудогорец.

Клуж дојдоа до неочекувано водство со прекрасниот гол со ножички на хрватскиот интернационалец Дамјан Ѓоковиќ во 36. минута, но Исланѓанецот Арнор Траустатон врати со уште еден магичен гол од над 25 метри за пласман понатаму.

Белорускиот шампион БАТЕ Борисов уште еднаш покажа дека е незгоден противник, откако на гостувањето кај ХЈК Хелсинки стигна до 2:1 победа по домашните 0:0. Во третото коло, БАТЕ ќе игра со азербејџанскиот Карабаг, кој со 3:0 го декласираше албанскиот шампион Кукеш (првиот меч заврши без голови).

Астана одигра 0:0 на гостувањето во Данска кај Митјиланд за по домашните 2:1 да се пласира во третото коло каде што ќе игра со Динамо Загреб.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛШ, 2.КОЛО

ХЈК Хелсинки (Фин) – БАТЕ Борисов (Блр) 1:2, прв меч 0:0, вкупно 1:2

Митјиланд (Дан) – Астана (Каз) 0:0, прв меч 1:2, вкупно 1:2

Карабаг (Азе) – Кукеш (Алб) 3:0, прв меч 0:0, вкупно 3:0

Малме (Шве) – ЦФР Клуж (Ром) 1:1, прв меч 1:0, вкупно 2:1

Судува (Лит) – Црвена звезда (Срб) 0:2, прв меч 0:3, вкупно 0:5


Scroll to Top