Во последниот меч од 16. коло во англиската Премиер лига, Евертон и Ватфорд одиграа еден неверојатен меч, кој заврши 2:2, откако прво домаќините водеа до лудите пет минути во второто полувреме во кои примија два гола и утнаа пенал, пред Лукас Дињ да ги спаси со гол во 96. минута.
Тимот на Марко Силва дојде рано во водство, уште во 16. минута преку одличниот оваа сезона Ришарлисон, но оваа предност беше загубена за само две минути во второто полувреме. Прво во 63. минута Колмен си постигна автогол, пред во 65. минута Абудалај Дукур да го комплетира пресвртот и да донесе 1:2 водство на „Гудисон“.
Евертон имаше совршена шанса да се врати во натпреварот, кога само две минути подоцна, во 67. минута беше досуден пенал, меѓутоа ударот на Гилфи Сигурдсон беше спектакуларно одбранет од голманот на Ватфорд, поранешниот англиски број 1, Бен Фостер.
Кога се мислеше дека Ватфорд ќе оствари славна победа на „Гудисон“, на сцена стапи летното засилување на „карамелите“, Французинот Лукас Дињ, кој во 96. минута донесе поен за својот тим со еден фантастичен гол од слободен удар.
Со ремито, седмопласираниот Евертон со 24 поени се доближи на шестопласираните Манчестер јунајтед (кои имаат 26), додека Ватфорд сега е 12. со 21 поен.