Top Sport

Луда ЛШ – Роналдо „поцрвене“, Јуве победи со два пенали, Фекир го „суреди“ Сити! (видео)

Втората вечер од новата сезона во Лигата на шампиони донесе доста изненадувања, пресврти, чудни црвени картони и возбуди. Елитниот европски фудбал се врати на голема врата.

Во групата Х беше најконтроверзно, иако резултатите не беа за изненадување. Секако, најголем шок беше мечот Валенсија-Јувентус, каде што италијанскиот шампион стигна до победа со два гола од пенал и одигра повеќе од еден час со 10 фудбалери, откако Кристијано Роналдо доби шокантен црвен картон.

Судијата Феликс Брих во 29. минута оцени дека Португалецот се однесувал неспортски, кога го грабна за глава противничкиот фудбалер кој беше паднат во својот шестнаесетник. Црвениот картон значи дека Роналдо нема да патува во Манчестер за дуелот со својот поранешен клуб Јунајтед!

Роналдо картонот го прими доста емотивно, но и без него, тука беше Миралем Пјаниќ, кој подоцна двапати беше сигурен од белата точка за Јуве да го стартува ЛШ со победа.

Во вториот меч од групата, Манчестер јунајтед на вештачкиот терен во Берн стигна до импресивна 3:0 победа над Јанг Бојс благодарение на мајсторската партија на Пол Погба, кој постигна два гола и му асистираше на третиот на Антони Марсијал.

Манчестер сити на Пеп Гвардиола беше огромен фаворит против Лион, меѓутоа, англискиот шампион доживеа незгоден домашен пораз откако францускиот клуб беше инспириран од ѕвездата Набил Фекир. Тој прво во 29. минута му асистираше на Корне за водство од 0:1, за во 43. минута од 20-тина метри да постигне убав гол за 0:2. Сити се обидоа да се вратат во игра и во 67. минута, Бернардо Силва намали на 1:2, но до крајот на мечот, резултатот остана ист.

Актуелните шампиони, Реал Мадрид, стигнаа до рутинска победа од 2:0 над Рома во пресметката на „Сантијаго Бернабеу“, откако прво Иско постигна убав гол од слободен удар во финишот на првото полувреме, а Герет Бејл во 58. минута доби одлична топка од Лука Модриќ за со сигурна завршница да зголеми на 2:0. Новата „седумка“ Маријано во 91. минута стави печат на победата на Хулен Лопетеги во првиот меч како тренер на Реал Мадрид во ЛШ.

Слична рутинска победа имаше и Баерн Минхен на гостувањето во Португалија кај Бенфика од 2:0 со головите на Роберт Левандовски и повратникот кај „Баварците“, поранешното „златно момче“ Ренато Санчес.

Фото: ЕПА

ЛИГА НА ШАМПИОНИ 1. КОЛО

ГРУПА Е

Бенфика – Баерн Минхен 0:2

Ајакс – АЕК Атина 3:0

ГРУПА Ф

Манчестер сити – Лион 1:2

Шахтјор Доњецк – Хофенхајм 2:2

ГРУПА Г

Викторија Плзен – ЦСКА Москва 2:2

Реал Мадрид – Рома 3:0

ГРУПА Х

Валенсија – Јувентус 0:2

Јанг Бојс – Манчестер јунајтед 0:3

Scroll to Top