Top Sport

Луис Енрике со ПСЖ ја чека „својата“ Барселона, „милионерите“ од Дортмунд на гости кај Атлетико

По синоќешните спектакуларни натпревари на „Сантијаго Бернабеу“ и „Емирејтс“, во кои немаше победници, вечерва во Лигата на шампионите на програмата се преостанатите два четвртфинални натпревари.

ПСЖ на „Паркот на принцовите“ во Париз ќе ја пречка Барселона, а Атлетико на „Сивитас Метрополитано“ во Мадрид ќе и се спротивстави на Борусија Дортмунд.

ПСЖ – Барселона

Кога ќе се спомнат овие да тима, сеќавањето не врача во минатото и спектакуларниот пресврт на Барселона, победата од 6:1 откако првиот меч го загуби со 4:0.

ПСЖ, веројатно последен пат со Килијан Мбапе го брка трофејот во Лигата на шампионите. Години и години обиди, потрошени пари и „дрим тим“ тимови беа фрлени во заборав. Барселона, тим со голема историја, ќе се обиде да се врати на патеките на старата слава и да се вклучи во борбата за трофејот.

ПСЖ, целосно може да се насочи кон овие два натпревари, бидејќи во Лига 1 се блиску до нова титула. Луис Енрике, поранешниот тренер на Барса, а денес на ПСЖ, има можност да го ротира тимот и да ги одмори носителите.

Во осминафиналето релативно лесно елиминираа уште еден шпански клуб, Реал Сосиедад, додека тимот од Каталонија го мина Наполи.

Килијан Мбапе несомнено ќе биде најопасниот играч на домашниот тим, а мотив би можел да има уште повеќе со оглед на шпекулациите за негов трансфер во Реал Мадрид на лето.

Нема да чуди доколку Барселона се повлече во првиот меч и се обиде да оствари позитивен резултат, односно да не загуби и да ги нападне парижаните во Шпанија за пласман во полуфиналето.

Атлетико Мадрид – Борусија Дортмунд

На хартија, но само на хартија, најнеинтересниот дуел, но во реалноста ова треба да биде исклучително интересен натпревар. „Јорганџиите“ предводени од Чоло Симеоне ќе се обидат да стигнат до ново полуфинале, додека „милионерите“ од Дортмунд се надеваат дека прв пат по 2013 година ќе изборат место во полуфиналето.

Атлетико, спротивно на сите прогнози, го елиминираа Интер во осминафиналето по големиот пресврт во реваншот. Сите ги отпишаа, особено по водечкиот гол на Ди Марко за Интер во реваншот, но Атлетико покажа дека е тим со карактер.

Борусија имаше малку полесна задача во претходната рунда. Против ПСВ одигра 1:1 во Ајндховен, а во Дортмунд победи со 2:0.

Атлетико е благ фаворит, но Дортмунд на неодамнешниот натпревар против Баерн покажа дека е калибар на тим кој може да победи секого.

Најголемата разлика и причината поради која „јорганџиите“ се благи фаворити е тоа што Симеоне знае да игра „на резултат“, додека Борусија цела сезона игра по системот „топло-ладно“.

Атлетико не брилјира во домашното првенство, но сигурно ќе има огромна мотивација и самодоверба пред двомечот со Дортмунд, додека Борусија нема што да загуби, моментално е можеби најслабиот тим во четвртфиналето, што доволно говори за квалитетот на екипите кои се пласираа во оваа фаза од Лигата на шампионите.

Натпреварите во Париз и Мадрид ќе започнат во 21 часот.

Scroll to Top