Големото дерби на второто коло од Лигата на шампионите помеѓу Барселона и Интер заврши со победа на Каталонците од 2:1, откако во првото полувреме Интер имаше 0:1 водство и повеќе од шансите, додека актуелниот европски шампион Ливерпул го доби трилерот со Ред бул Салцбург, победувајќи со 4:3, откако гостите се вратија од 3:1 негатива за 3:3 реми.
И покрај тоа што стартуваа со Лео Меси во тимот, Барселона губеше со 0:1 по само две минути игра, откако во брз контра-напад, Алексис Санчез одлично го најде Лаутаро Мартинез, кој ја смести топката зад грбот на Тер Штеген. Италијанскиот тим беше блиску до удвојување на водството, откако Мартинез и Санчез имаа по уште една шанса.
Во второто полувреме, Барселона се созеде и имаше повеќе од топката во нозете и во 58. минута израмни со фантастичен гол на Луис Суарез по убавото додавање од Видал. Само две минути подоцна и Гризман имаше добра шанса, како и Дембеле во 68. минута од мечот. Кога изгледаше дека и покрај иницијативата на Барса ќе имаме реми, Меси го пронајде Суарез за Уругваецот да го комплетира кам-бекот.
Супер-интересно беше и на „Енфилд“, каде што Ливерпул прво дојде до 3:0 водство со головите на Мане, Робертсон и Салах во првите 33 минути игра, пред во 60-тата минута австрискиот шампион Салцбург да израмни на 3:3. Сепак, Мо Салах обезбеди шампионот да ги заработи првите три поени во ЛШ оваа сезона.
Во другите мечеви, Челси „извлече“ 2:1 победа на гости кај Лил благодарение на головите на Вилијан и Теми Абрахам, а во истата група, Ајакс ја декласираше Валенсија сред „Месталја“ со 3:0.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 2.КОЛО
ГРУПА Е
Генк – Наполи 0:0
Ливерпул – Салцбург 4:3
Табела: 1.Наполи 4, 2.Салцбург 3, 3.Ливерпул 3, 4.Генк 1
ГРУПА Ф
Славија Прага – Борусија Дортмунд 0:2
Барселона – Интер 2:1
Табела: 1.Борусија Д 4, 2.Барселона 4, 3.Интер 1, , 4.Славија П. 1
ГРУПА Г
РБ Лајпциг – Лион 0:2
Зенит Санкт Петербург – Бенфика 3:0
Табела: 1.Зенит 4, 2.Лион 4, 3.Лајпциг 3, 4.Бенфика 0
ГРУПА Х
Лил – Челси 1:2
Валенсија – Ајакс 0:3
Табела: 1.Ајакс 6, 2.Челси 3, Валенсија 3, 4.Лил 0