Бекот на Манчестер јунајтед, Лук Шо вели дека клубот е подготвен да ги „исправи“ работите од минатата сезона, за која признава дека била засрамувачка.
„Ѓаволите“ не успеаја да освојат ниту еден трофеј, а исто така не се квалификуваа во Лигата на шампионите откако завршија на шестото место под Оле Гунар Солскјер, кој го замени Жозе Мурињо во декември.
Шо беше прогласен за најдобар фудбалер на клубот во 2018/19, но вели дека колективниот неуспех ја прави наградата безвредна.
„Лично, имав подобра сезона од очекуваното, но мислам дека можам да сум многу подобар. Не чувствував дека ја заслужив наградата за најдобар фудбалер поради сезоната која ја имавме, која беше срамотна за нас“, вели Шо.
Тој признава дека не било убаво да се гледа како Манчестер сити ја освојува титулата од Премиер лигата, а Ливерпул трофејот од Лигата на шампионите.
„Сите сме разочарани. Болеше уште повеќе поради тоа што многу англиски клубови играа финалиња, а ние бевме на одмор. Можевме само да ги гледаме натпреварите и да размислуваме и искрено, болеше. Имаме многу за докажување во новата сезона“, додава Шо.