Ромелу Лукаку пред стартот на СП за Белгија имаше отворено интервју во кое зборуваше за сиромаштијата во која растел пред да стане фудбалер кој заработува милиони.
Лукаку се подготвува за втор настап на Мундијалот, но вели дека како дете тоа било далечен сон додека неговата мајка се мачела да обезбеди јадење за семејството. По пензионирањето од фудбалот на неговиот татко Роџер, семејството не можело да си приушти нормален живот, но Лукаку вели дека тоа му помогнало да стане човек кој што е денеска.
„Знаев дека се мачиме. Кога ја видов мајка ми како меша млеко со вода да има за сите, знаев дека тоа е дното. Тоа беше мојот живот. Не кажував ништо бидејќи не сакав да ја нервирам. Само го јадев мојот ручек. Но, си ветив себеси пред Бога во тој момент. Како некој да ме разбуди. Знаев точно што треба да направам и како ќе го направам тоа. Немаше шанси да ја гледам мајка ми така“, вели Лукаку во „Плејерс трибјун“ зборувајќи за своето растење во Антверпен.
25-годишниот Лукаку минатото лето дојде во Манчестер јунајтед за 75 милиони фунти, а и неговиот помлад брат Џордан е фудбалер, кој ќе дебитира на Мундијалот.
„Луѓето во фудбалот сакаат да зборуваат за менталната сила. Јас сум најсилниот кој ќе го сретнете. Се сеќавам кога седев во собата со мојата мајка и со мојот брат и кога се молевме и верувавме во иднината. Еден ден ја видов мајка ми како плаче кога се вратив од училиште. Тогаш и кажав: ’Мамо ќе се смени. Ќе играм фудбал за Андерлехт и нема да мораш да се грижиш повеќе’“, додава Лукаку.
Тој почна да игра фудбал за локалниот клуб од Антверпен, Рупел Бон на пет години, пред на 13 да отиде во Андерлехт, како што ветил, дебитирајќи во првиот тим на 16 години. Во 2011 тој прави трансфер во Челси за 10 милиони фунти, по што две сезони е позајмен играч во Вест Бром и Евертон, пред Евертон да потпише договор со него за 28 милиони фунти.