Жозе Мурињо и фановите на Манчестер јунајтед можат да здивнат, ова нема да биде најлошиот старт на сезоната од 1992 година, откако Ромелу Лукаку со два гола донесе 2:0 победа на гостувањето кај Барнли. Навивачите на Тотенхем, пак, би требало да се загрижени откако Ватфорд успеа да ги совлада со 2:1 за четврта победа во четири меча во ПЛ.
Алексис Санчез во 27. минута совршено го најде Лукаку, кој со глава лесно го совлада голманот, а пред крајот на полувремето по една мешаница пред голот на Барнли, тој уште еднаш го совлада Џо Харт за 2:0.
Второто полувреме не беше толку блескаво за Јунајтед. Пол Погба имаше шанси да зголеми на 3:0 во 69. минута, но Џо Харт го одбрани неговиот пенал, а потоа во 71. минута, Јунајтед останаа со играч помалку откако Маркус Рашфорд направи непромислен потег.
Ватфорд пак, продолжи со импресивниот старт на сезоната и сега покрај Челси и Ливерпул е единствениот тим со стоотстотен учинок, откако се врати за 2:1 победа над Тотенхем, за кои пак, ова е прв пораз оваа сезона и доаѓа по импресивната 3:0 победа на гости кај Јунајтед.
Тотенхем дојде во водство со автоголот на Дукур во 53. минута, меѓутоа потоа за седум минути „стршените“ постигнаа два гола за 2:1 победа и трето место на табелата.