Top Sport

Лукаку од херој до трагичар за Интер – Севилја е „претплатена“ на Лига Европа!

Севилја по шести пат е шампион од Лига Европа, откако во фантастично интересен натпревар во Келн со 3:2 беше подобра од фаворизираниот Интер, за кого пак Ромелу Лукаку прво беше херој, а потоа трагичар кога си постигна автогол за пораз на тимот на Антонио Конте.

Хулен Лопетеги го освојува првиот трофеј во својата тренерска кариера, додека Севилја по неверојатен шести пат го крева трофејот од второто по сила европско натпреварување по титулите во 2006, 2007, 2014, 2015 и 2016 година.

За Интер пак, останува европскиот „пост“ долг 10 години, откако ниту Антонио Конте не успеа да го „скрши малерот“, и сега сигурно ќе се постават многу прашања околу неговата позиција по шпекулациите за голем конфликт со управата на клубот.

Првото полувреме на дуелот беше апсолутно експлозивно, откако Интер поведе во петтата минута со гол од пенал на Ромелу Лукаку, за кој беше виновен Диего Карлос (запаметете ја двојката за финишот на мечот). Сепак, Севилја покажа дека не се плаши од никого, и Лук де Јонг, човекот кој ги „зацрни“ Манчестер јунајтед во полуфиналето со два гола во 12. и 33. минута направи пресврт и Севилја имаше водство.

Сепак, славјето не траеше предолго, откако Диего Годин ја смести топката во мрежата на Севилја само три минути подоцна. Во второто полувреме, отсуствуваа голови, иако на двете страни имаше интересни шанси, пред во 74. минута да пристигне, конечниот пресврт.

Диего Карлос, кој згреши за пеналот на стартот на мечот, имаше одличен удар со ножички, а иако изгледаше дека топката ќе го промаши голот, Лукаку инстинктивно ја смести во мрежата на Хандановиќ. Во 81. минута, Лукаку се најде во совршена шанса да се искупи за автоголот, но мешаницата пред голот на Севилја едвај беше расчистена.

Scroll to Top