Според „Скај спорт Италија“, Ромелу Лукаку веќе направил одлука да се приклучи на Челси и сега се чека само Интер да ја извлече максималната цена за белгискиот напаѓач.
„Нераѕурите“ се надеваа дека ќе го заддржат Лукаку на „Сан Сиро“ одбивајќи понуда од 100 милиони евра, но најавените 130 милиони евра ќе биде тешко да се одбијат, а Лукаку сака да се докаже во клубот кој го продаде во 2014 година. Во две сезони Лукаку постигна 64 гола во 95 меча за Интер по две непродуктивни сезони во Манчестер јунајтед.
Познатиот италијански експерт за трансфери, Џанлука ди Марцио тврди дека Лукаку ја прифатил понудата и ги информирал во Интер за својата одлука. Лукаку би заработувал 12 милиони евра по сезона.
Се верува дека овој трансфер ќе предизвика „домино-ефект“ во Серија А – Интер ќе се обиде да го донесе Дуван Запата од Аталанта за 40 милиони евра, додека неговото место во Бергамо ќе го заземе Теми Абрахам од Челси.