Top Sport

Лукас Моура се сомнева дека никој не го издриблал Ван Дајк

Напаѓачот на Тотенхем, Лукас Моура вели дека Виргил ван Дајк е еден од топ 3 фудбалерите минатата сезона, но се сомнева во статистиката дека никој не го издриблал дефанзивецот на Ливерпул.

Фантастичните перформанси на Холанѓанецот за Ливерпул и за репрезентацијата го поставија како еден од фаворитите за „златната топка“, а се тврди дека единствен кој успеал да го издрибла во 2018/19 бил Лирој Сане од Манчестер сити и тоа во репрезентативниот меч со Германија во ноември, но Моура не верува во тоа.

„Навистина не знам дали тоа е вистина. Велат дека никој не го издриблал од не знам кога. Ако успееш да го поминеш, тогаш исто како да е издриблан. Сигурен сум дека некој го поминал. Знам дека дадов гол против Ливепул и тој беше зад мене. Но, дека е одличен фудбалер, тоа е. Го изгласаа за најдобар во Премиер лигата, а сигурно е во топ 3 на светот“, вели 26-годишниот Моура.

Моура и Тотенхем го загубија финалето од Лигата на шампионите од Ливерпул (2:0) и Бразилецот признава дека бил разочаран.

„Навистина верувавме дека можеме да бидеме шампиони. Плачев многу по натпреварот бидејќи бевме многу, многу блиску“, додава Моура.

Scroll to Top