Играчот на Јувентус Емре Џан не можел да го сокрие бесот откако дознал дека тренерот Маурицио Сари не го пријавил за настап во Лигата на шампионите.
Потегот на Сари да не го лиценцира германскиот репрезентативец за натпреварите во Лигата на шампионите во Италија се толкува како знак дека сезонава тренерот нема сериозно да смета на услугите на 25 годишниот фудбалер.
„Шокиран сум! Разговаравме и не добив никакво објаснување. Лут сум поради оваа одлука! Ќе мора да размислам што да правам кога ќе се вратам од репрезентативните настапи. Ми ветија разни работи, поради тоа одбив да одам во Пари Сен Жермен, а тие сега ми го направија ова“, рекол Џан во интервју за „Билд“.
Јувентус, како и лани, се вбројува меѓу најсериозните кандидати за освојување на титулата. „Старата дама“ во првата фаза ќе игра во Д-групата заедно со Атлетико Мадрид, Баер Леверкузен и Локомотив Москва.