Селекторот на алжирската фудбалска репрезентација, легендата на африканскиот фудбал, Рабах Маџер вели дека неговата прва ѕвезда Ријад Марез заслужува многу подобар тим од Лестер.
Марез, кој овој месец ќе наполни 27 години, не беше дел од тимот на Лестер при 1:1 ремито со Свонси, откако јасно покажа дека е незадоволен од одлуката тимот да не го продаде во Манчестер сити во јануарскиот преоден рок.
Маџер вели дека ја сфаќа фрустрацијата на Марез, но остана внимателен во изборот на зборовите за Лестер, знаејќи дека напаѓачот на Алжир, Ислам Слимани исто така е во сопственост на англискиот премиерлигаш.
„Марез во моментов заслужува подобар тим од Лестер, но не смееме да заборавиме дека Лестер го поставија на вистински пат. Потребен е добар разговор меѓу Ријад и тимот. Тој сака да оди во поголем клуб, тоа треба да им е јасно на сите“, вели Маџер.
Според британскиот таблоид „Сан“, Марез има нов прекар во Лестер – „Виктор Наворски“, по главниот лик од филмот со Том Хенс, „Терминал“, во кој тој не може да влезе во САД, ниту да се врати во татковината, останувајќи да живее на аеродромот.