Топспорт во Палермо,
Никола Ѓуровски
Фудбалската репрезентација на Македонија е пред најголемиот предизвик во историјата. Се наоѓа на само два чекори до пласман на Светското првенство, меѓу европската елита која се бори за мундијалска виза.
Прв ривал е европскиот првак Италија. Овде во Палермо добро ги знаат Александар Трајковски и Илија Несторовски и потајно стравуваат од изгледот на новата Италија на Роберто Манчини.
„Аѕурите“ го освоија Европското првенство, но потоа имаа лоша низа на крајот од квалификациите, па испуштија директен пласман на мундијалот. Никој не знае како ќе реагира сега тимот на Манчини, посебно што тој има големи проблеми со одбраната.
Ќе ги нема искусните Леонардо Бонучи и Џорџо Кјелини како стоперски тандем, туку улогата ќе им биде доверена на Бастони и на Мансини. А тие никогаш не играле заедно за националниот тим на Италија. Посебно не во еден вака важен меч.
На голот ќе биде Џанлуиџи Донарума, а на десната бековска позиција Флоренци или Де Шилјо. Левата бековска позиција му е доверена на Емерсон.
Силата на Италија е во средниот ред. Таму „царуваат“ Жоргињо од Челси, Николо Барела од Интер и Марко Верати од ПСЖ. Уметници, виртуози со топката.
Во нападот на Манчини се планирани Чиро Имобиле, Лоренцо Инсиње и Доменико Берарди.
Езгјан Алиоски верува во успех, иако потенцира дека на Македонија ќе и биде потребно чудо за да ја елиминира Италија во Палермо.
„Италија е европски првак, ќе игра на домашен терен, а Македонија првпат е дел од еден ваков бараж за Светско првенство. Никој до пред неколку години и не веруваше дека можеме да стигнеме до овде. Но, сега сме на два чекори од нова историја и ќе дадеме се од себе за нов успех. Би бил рамен на чудо, но во фудбалот се случуваат и чуда. Јас сум жив пример, ме избркаа од Јанг Бојс како прекуброен, а потоа со Лидс Јунајтед играв во Премиер – лигата“, вели Алиоски.
Натпреварот меѓу Италија и Македонија се игра утревечер, со почеток во 20.45 часот, на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо.