Спортскиот директор на Динамо Загреб Зоран Мамиќ до крајот на сезоната во Хрватска ќе го предводи тимот чии капитен е македонскиот репрезентативец Аријан Адеми. До крајот на сезоната во Хрватска останаа уште три кола.
Хрватските медиуми претпладнево објавија дека челниците на Динамо имаат намера да го ангажираат актуелниот тренер на Кајзери Роберт Просинечки. Тоа сепак нема да се случи бидејќи тимот ќе го преземе Зоран Мамиќ.
„Ситуацијата е таква, немаме право да носиме избрзани одлуки, не смееме да си дозволиме да направиме погрешен чекор. Европските натпреварувања се многу блиску, а знаеме колку за Динамо и хрватскиот фудбал им значи играњето во фазата по групи. Со овие три натпревари до крајот на сезоната ќе добиеме време до конечната одлука, а тоа е кој ќе биде тренер на Динамо наредната сезона“, објави клубот на социјалните мрежи.
Зоран Мамиќ ќе биде третиот тренер што ќе го предводи хрватскиот шампион од почетокот на сезоната по Ненад Бјелица кој остави одличен впечаток во Лигата на шампионите и Игор Јовичевиќ кој „модрите“ ги предводеше на само седум натпревари.