Ситуацијата со намалувањето на платите на фудбалерите и стручниот тим на Динамо Загреб по сè изгледа е пред завршница, откако „бегалецот“ Здравко Мамиќ, кој долго време го контролираше клубот преку Фејсбук објави колку заработувал тренерот Ненад Бјелица и неговиот тим.
Бјелица се спротистави на кратењето на платите на тимот, заедно со капитенот и македонски репрезентативец Аријан Адеми, по што клубот му ги отпушти сите соработници.
„Меси и соиграчите се откажаа од 70 отсто од платите, белгиските фудбалери ќе преживуваат со 13.000 куни (околу 1.700 евра), Жилина банкротираше, Кристијано Роналдо, Јувентус и Баерн Минхен ја покажаа солидарноста и покажаа дека на маката се познаваат јунаците. Динамо се подготвува за лошите времиња и никому не остана должен, овозможувајќи услови за работа какви што нема на овие простори. Game Over“, напиша Мамиќ.
Според Мамиќ, Бјелица во последните 20 месеци заработил нешто над 24 милиони куни, или повеќе од 3 милиони евра, што за клуб од поранешна Југославија е речиси невозможно да се замисли.
Самиот Мамиќ пак, се наоѓа во „прогонство“ во Босна и Херцеговина, откако е осуден за извлекување на пари од Динамо Загреб и е баран за други малверзации во клубот.