Top Sport

Манчестер јунајтед застана зад Погба по расистичките напади

Соиграчите на Пол Погба од Манчестер јунајтед застанаа во негова одбрана откако на социјалните мрежи Французинот беше расистички напаѓан поради промашениот пенал против Вулверхемптон во понеделникот.

Погба беше на мета на „троловите“ на социјалните мрежи откако пропушти шанса да донесе победа за „ѓаволите“ при 1:1 ремито на гости, по што прво се јави клубот со официјално соопштение.

„Сите во Манчестер јунајтед се згрозени од расните напади кон Пол Погба и целосно ги осудуваме. Личностите кои го прават тоа не ги претставуваат вредностите на нашиот голем клуб и охрабрувачки е што мнозинството на нашите фанови ги осудија на социјалните мрежи“, се вели во соопштението на клубот.

Погба исто така доби поддршка од своите соиграчи.

„Манчестер јунајтед е семејство. Пол Погба е голем дел од тоа семејство. Ако го напаѓате него, не напаѓате сите нас“, напиша Маркус Рашфорд.

Новото засилување Хери Мегвајр исто така се јави.

„Одвратно. Социјалните мрежи мора да преземат нешто. Секој акаунт кој е отворен треба да биде верификуван со пасош или лична карта. Сопрете ги овие патетични тролови“, напиша Мегвајр.

Scroll to Top