Манчестер сити го продолжуваат својот поход кон титулата во Премиер лигата. „Граѓаните“, во рамките на 30.коло, славеа во Лестер со 2:0.
Отпорот на „лисиците“, Манчестер сити го скрши во второто полувреме, откако во првиот дел не успеа да ја материјализира доминацијата на теренот. Инаку, во првиот дел, ВАР на двата тима, оправдано им поништи по еден гол, а Де Брујне од слободен удар ја погоди гредата.
Во второто полувреме, две брилијантни акции завршија со гол во мрежата на Шмајхел. Менди во 58.минута го постигна првиот, а Габриел Жесус стави точка на мечот во 74.минута.
Сити по 30 кола имаат 74.бода, 17 повеќе од Манчестер јунајтед кој има два натпревари помалку, додека Лестер се трети со 56 бода.