Top Sport

Манчестер сити ризикуваат исфрлање од Лигата на шампионите!

Манчестер сити можат да бидат исфрлени од Лигата на шампионите ако се остварат шпекулациите дека УЕФА направила заклучок дека англискиот шампион „мамел“ околу својата финансиска состојба, јавува „Асошиејтед прес“.

УЕФА наводно, преку електронските пораки на Сити, објавени од „Дер шпигел“ минатиот месец ги открила шемите кои ги користеле во клубот за да ги сокријат приходите на тимот во обид да го исполнат финансискиот фер-плеј (ФФП).

Сити веќе беа казнети за непочитување на ФФП, откако во 2014 година се договорија со УЕФА да бидат финансиски казнети наместо да добијат суспензија од Лигата на шампионите по „местење“ на спонзорските договори со компании поврзани со сопствениците на клубот.

Според „Дер шпигел“, електронските пораки покажуваат дека има манипулација со спонзорските договори со „Етихад ервејс“, компанијата во сопственост на Абу Даби, која ги има правата за именување на стадионот на Сити и се наоѓа на дресот на клубот. Овој спонзорски договор носел 67.5 милиони фунти годишно, но холдинг-компанијата која е сопственост на Сити, „Абу Даби Јунајтед групацијата“, враќала 59.9 милиони фунти назад на „Етихад“.

„Ја разгледуваме ситуацијата и има независно тело кое работи на случајот. Наскоро ќе ги имаме одговорите“, изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин во понеделникот.

Документите на „Дер шпигел“ покажуваат дека Сити се обиделе вештачки да ги зголемат приходите, откако холдинг-компанијата праќала кеш за откуп на комерцијалните права на фудбалерите.

Фото: ЕПА

Scroll to Top