Top Sport

Манчини: Го сакам Балотели, но веќе не можам да направам ништо за него

Италијанскиот селектор Роберто Манчини вели дека во текот на целата кариера го поддржувал Марио Балотели, но објаснува дека „не е нормално“ што тој нема клуб пред стартот на сезоната.

Балотели беше ослободен од договорот со Марсеј на крајот на сезоната, по што бразилскиот гигант Фламенго му понуди договор, но преговорите „заглавија“ откако тој доби понуда и од својот матичен клуб Бреша.

29-годишниот напаѓач работеше со Манчини во Интер и во Манчестер сити, и тој го повика во репрезентацијата по четири години пауза минатата година. Меѓутоа, во последното интервју за „Ла газета дело спорт“ беше јасно посочено разочарувањето на селекторот.

„На 29 години и втора сезона во низа, тој на 10 дена пред стартот на шампионатот нема сигурен тим. Не се подготвуваше, не тренираше редовно. И тој мора да сфати дека тоа не е нормално. Дали тој ќе биде добро решение за Бреша зависи само од него. Можеби ако игра поблиску до дома ќе биде подобар, но тоа не е гаранција. Го сакам, но веќе не можам да направам ништо за него. Тој мора да сфати дека е во средината на кариерата и дека има уште многу да даде. Но, само ако сака“, вели Манчини.

Scroll to Top