Top Sport

Манчини подготвува ново изненадување од Јужна Америка за следниот собир на „аѕурите“

Роберто Манчини повторно ќе приреди изненадување за јунскиот собир на италијанската фудбалска репрезентација. Селекторот на „аѕурите“ ќе ја засили одбранбената линија со интересно име.

Според италијанските медиуми, покана ќе добие 22-годишниот дефанзивец Лукас Питон.

Станува збор за момче кое игра за бразилскиот Васко де Гама, на кој му се приклучи на почетокот на оваа година од Коринтијанс. Токму во Коринтијанс ги мина сите младински селекции.

Годинава Лукас Питон го привлече вниманието кон себе со одличните игри во дресот на Васко де Гама, а покрај бразилската кариера има и италијански пасош.
Манчини веднаш одговори и споменатиот фудбалер наскоро би требало да дебитира за „аѕурите“. Со тоа Манчини продолжи да повикува фудбалери од Јужна Америка кои имаат италијански пасош.

Во минатите акции тој го повика Матео Ретеги, кој брилјираше во аргентинската лига.

Ретеги дебитираше за Италија против Англија на крајот на март годинава и веднаш постигна гол, а погоди и на натпреварот против Малта.

Ретеги беше најдобар стрелец на аргентинскиот шампионат минатата година, „гаучосите“ се колебаа дали да го поканат во националниот тим, но Манчини немаше дилеми.

Сега Питон е новиот џокер од ракавот на Роберто Манчини, кој очигледно дека одлично ги следи лигите во Јужна Америка.

Scroll to Top