Top Sport

Манчини за својот пријател: До крај се надевав дека ќе се случи чудо со Вијали

Италијанскиот селектор, Роберто Манчини првпат проговори за смртта на својот долгогодишен пријател, Џанлука Вијали, оценувајќи ја неговата смрт како „голема загуба“ за италијанскиот фудбал и признавајќи дека до крај се надевал дека ќе се случи чудо.

Поранешниот напаѓач на Сампдорија и Јувентус почина во петокот на 58 години по долгата битка со ракот на панкреасот. Тој работеше како помошник на Манчини до декември, кога се повлече по влошувањето на здравствената состојба, а со Манчини беше соиграч во Сампдорија и во италијанската репрезентација.

„Ова е голема загуба за неговото семејство, за мене и за италијанскиот фудбал. Тежок момент за сите нас. Се надевав на чудо. Се видовме неодамна, се шегувавме и зборувавме. Тој беше во добро расположение како и секогаш и таков човек секогаш те крева. Ми беше мило што го видов смирен. Речиси цел живот го живеевме заедно, секогаш со братска поврзаност, иако во фудбалот се разделивме. Нашето пријателство остана цврсто, основано на почит и љубов“, вели Манчини.

Ова е втор близок пријател кој Манчини го загуби во последните месеци по смртта на Синиша Михајловиќ пред помалку од месец дена. Италијанскиот селектор беше еден од луѓето кои го носеа ковчегот на Михајловиќ на неговиот погреб.

Scroll to Top