По Ведран Чорлука, хрватската репрезентација загуби уште еден свој член, откако Марио Манџукиќ се прости од националниот дрес по среброто на Светското првенство во Русија.
Фудбалерот на Јувентус преку Инстаграм порача дека неговото место сега е меѓу навивачите на „коцкестите“.
„Ова ми е потешко од тоа да влезам со лизачки на противник или да спринтувам во 120. минута. Но, сепак, време е за тие зборови. Се простувам од хрватската репрезентација. Среброто ме наполни со нова енергија, но во исто време ми ја олесни оваа невозможно тешка одлука. Го доживеавме нашиот сон, направивме историски упех и ја почувствувавме љубовта на навивачите. Нема идеално време за заминување, но за мене тој момент е сега. Пред 14 години го облеков светиот дрес и работев со фантастични соиграчи, селектори, тренер и луѓе од репрезентацијата. Никој не е совршен. Промашував, губев топки и лошо додавав, но срцето го оставив на теренот. Од денеска моето место е меѓу вас, најверните навивачи на Хрватска. Ве сака Манџо“, напиша Манџукиќ.