Top Sport

Марез го исполни сонот на Пеп – Манчестер сити во големото финале на ЛШ

Манчестер сити, првпат во својата 141-годишна историја ќе игра големо финале на Лигата на шампиони, остварувајќи го ветувањето на тренерот кој ги трансформираше во еден од најмоќните европски клубови, Пеп Гвардиола, за европски успех на „граѓаните“.

Најзаслужен за тоа беше Алжирецот Ријад Марез, кој постигна два гола на реваншот од дуелот со Пари Сен-Жермен, потврдувајќи го местото во големото финале во Истанбул, откако претходно Сити и во Париз триумфираше со 2:1 со блескав пресврт во второто полувреме. Сити исто така практично се англиски шампиони со огромна предност пред ривалите во Премиер лигата, а веќе се закитија со трофејот од Лига купот (Карабао купот), така што се на добар пат да имаат историска тројна титула во 2020/21.

Мечот на „Етихад“ започна со необична слика – снег во мај во Манчестер! Уште пошокантни за ПСЖ беа првите 10 минути – прво добија пенал, кој сепак им беше поништен по гледањето на ВАР снимките, а потоа, голманот Едерсон упати фантастична топка која стигна до Марез, кој мајсторски ја протна топката низ нозете на Кејлор Навас и во голот. ПСЖ се обидоа да возвратат и Нејмар еднаш ја погоди пречката, но и Сити успеаја да притиснат при крајот на полувремето. Со Килијан Мбапе на клупата недоволно опоравен за старт, Мауро Икарди требаше да ја преземе одговорноста, но Италијанецот едноставно „исчезна“ на теренот.

Во второто полувреме, Моисе Кин го замени Икарди, но веднаш потоа во 62. минута по една одлична „тики-така“ акција, Фил Фоден му асистираше на Марез за 2:0, со што сонот на ПСЖ едноставно се распадна – требаше да дадат три гола за помалку од половина час, откако во првите 60 минути немаа удар на гол.

Нервозата го направи своето и во 69. минута, ПСЖ останаа со играч помалку откако Анхел ди Марија го „згазна“ Фернандињо по една расправија за топката на аут-линијата.

Графика: Sofascore за Топспорт.мк

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/2 ФИНАЛЕ, 2.МЕЧ

Манчестер сити – Пари Сен-Жермен 2:0, прв меч 2:1, вкупно 4:1

Челси – Реал Мадрид утре 21.00 ч., прв меч 1:1

Scroll to Top