Top Sport

Марио Гомез замина во пензија со гол и со обезбедена Бундеслига за Штутгарт!

Легендарниот германски напаѓач, Марио Гомез го одигра својот последен меч во кариерата, и во него постигна гол, откако и покрај 1:3 поразот од Дармштад, им помогна на Штутгарт да се вратат експресно во Бундеслигата.

Гомез ја започна кариерата каде што и ја заврши, во Штутгарт, со кои во 2006/07 ја освои титулата од Бундеслигата, а тој со 14 гола и 7 асистенции беше прогласен за најдобар германски фудбалер. Во 2009 година тој потпиша за Баерн Минхен за 30 милиони евра, тогаш лигашки рекорд, и со нив беше најдобар стрелец во 2011 и освои седум трофеи, вклучувајќи го и тој од Лигата на шампионите во 2013.

Тој замина во Фиорентина во 2013, но повредите го направија своето, и тој беше позајмен на Бешикташ во 2015, каде што се врати во форма и беше најдобар стрелец додека клубот ја освои Турската Суперлига. Гомез се врати во Волфсбург и ги спаси од испаѓање, пред да се врати во својот матичен клуб.

За Германија тој играше 11 години и настапуваше на три европски и на две светски првенства, завршувајќи како најдобар стрелец на Евро 2012, пред во 2018 да се повлече од националниот тим.

„Бев сигурен на почетокот на сезоната дека ќе се вратиме во Бундеслигата и затоа решив дека ова е мојата последна сезона како фудбалер“, изјави Гомез.

Scroll to Top