Алексис Санчез (29) во овој преоден рок ќе го напушти Арсенал. Шпанскиот весник „Марка“ тврди дека тој во наредните денови ќе стане нов играч на Манчестер сити.
Не е никаква тајна дека Пеп Гвардиола, менаџерот на лидерот во Премиер лигата, го сака Чилеанецот во својот тим, исто како и уште неколку други врвни европски тимови (Баерн Минхен, ПСЖ, Реал).
Гвардиола минатото лето се обиде да го донесе Санчез, но Арсенал тогаш одби понуда од 60 милиони евра. Чилеанецот, и покрај сите убедувања од клубот, одби да потпише нов договор и сега Арсенал ќе мора да го продаде доколку сака да заработи нешто од неговиот трансфер, во спротивно тој во јуни ќе замине од Лондон без обесштетување.
Алексис Санчез стана член на Арсенал во 2014 година кога лондонскиот клуб на Барселона ѝ плати 42 милиона евра. Тој за Арсенал одиграл 163 натпревари и постигнал 80 гола. Сезонава е стрелец на осум гола, а настапил на 20 натпревари.