Top Sport

„Марка“ за Белингем: Тој е кражбата на векот

Џад Белингем досега одигра 13 натпревари во дресот на Реал Мадрид, а мадридскиот тим оствари учинок од 11 победи, едно реми и еден пораз. Она што го направи Белингам во тие 13 натпревари никогаш не престанува да го фасцинира светот. Англискиот врзен играч блеска во средниот ред на мадридскиот гигант, за кого веќе има постигнато 13 гола и три асистенции.

Тренерот на тимот Карло Анчелоти е воодушевен од него, навивачите се пресреќни поради новата ѕвезда на тимот, а шпанските медиуми се натпреваруваат кој ќе му даде поголем комплимент. Токму тоа го направи „Марка“ во текстот објавен во саботата наутро.

Тој е наречен „кражбата на векот од Премиер лигата“ и „добитниот билет што го маѓепса фудбалскиот свет“ и се потсетува на неговите почетоци во второлигашот Бирмингем за кого дебитираше како 16-годишник. Тоа беше на натпревар од ЕФЛ Купот во август 2019 година, кога на возраст од 16 години и 38 дена, тој одигра 80 минути во поразот од 0:3, а „Бирмингем мејл“ го прогласи за играч на натпреварот.

„Марка“ потсетува на извештајот за скаути на почетокот на кариерата на Белингем во кој се вели дека тој е „неверојатна перспектива која треба да биде потпишана и развиена“. Во извештајот се наведува и дека за година и пол ќе може да игра за клуб од Премиер лигата.

Патот го однесе Белингем во Германија, каде што потпиша за Борусија Дортмунд во 2020 година. Точно 132 натпревари, 24 гола и 25 асистенции подоцна, на 1 јули годинава беше потврдено дека се сели во Реал во трансфер вреден 103 милиони евра фиксно, со евентуално додавање од 30 милиони евра преку бонуси. „Тоа беше добитниот тикет што Реал го украде од Премиер лигата. Тоа беше кражба на векот“, се заклучува.

Реал не понуди најмногу. Иако понудата на клубот до Белингем беше неверојатна, таа беше помала од она што ја ставија пред него Манчестер Сити, Ливерпул и Манчестер Јунајтед. Белингем го прифати шестгодишниот договор на Реал, кој заработува околу 11 милиони евра годишно, што не е највисоката плата во тимот на Реал.

„Не му се поважни парите, да беа би прифатил понуда од некој од англиските клубови“, пишува „Марка“, потсетувајќи на зборовите на легендата на Реал, Хорхе Валдано дека „Реал не плаќа во пари, туку во слава“ и изјавата на Белингем дека „доаѓа во најголемиот светски клуб каде што ќе може да учи од најдобрите“.

Клубовите од Премиер лигата ќе ја чекаат долго време шансата да се обидат да го убедат да го напушти Мадрид“, се заклучува во текстот.

Scroll to Top