Top Sport

Марка за Македонецот: Димитриевски игра во елитата, оди на работа со метро

Шпанска „Марка“ пред дербито на Мадрид помеѓу Реал Мадрид и „малиот“ Рајо Валјекано направи интервју со македонскиот голман на Рајо, Столе Димитриевски, посочувајќи ја неговата скромност и покрај тоа што игра во една од најсилните европски лиги.

Димитриевски, кој е фудбалер на Гимнастик Тарагона, но настапува како позајмен фудбалер во клубот од предградието на Мадрид, продолжува да оди на работа со метро.

„Тоа е најудобен начин да стигнеш до центарот. Во Мадрид функционира одлично и имам посебна картичка која ја купив уште пред година и пол. Ми се допаѓа сѐ во овој град бидејќи секогаш има нешто поинаку – фудбал, кошарка, најдобрите концерти, дури Копа Либертадорес“, вели Димитриевски.

Кумановецот живее во близина на тренинг-комплексот на Рајо и вели дека му се допаѓа предградието.

„Го сакам! Стадионот, луѓето, Валјекас е навистина добар за мене. Навивачите се секогаш со својот тим и уживаат во добрите моменти и тука се кога ви е тешко, што е реткост за сите тимови“, објаснува Димитриевски.

Рајо ќе се обиде да извлече шокантен резултат против Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“, каде што што има само една победа во јануари 1996 година и Димитриевски вели дека е посебна чест да се игра на тој стадион, поради необична причина.

„Тоа е еден од најдобрите стадиони на светот. За Македонец како мене, е уште попосебен стадион бидејќи тука мојот соиграч од репрезентацијата, Горан Пандев ја освои титулата од Лигата на шампионите со Интер. Да се биде тука е вистинско задоволство. Се надевам дека е време за втора победа над Реал, и ако се случи тоа ќе биде вистинска забава. Тие можеби не се во добра форма, но Мадрид е Мадрид“, вели Димитриевски.

Scroll to Top