Top Sport

Марковски: Работнички е подготвен за новата сезона

Работнички со нов шеф на стручниот штаб, Љупчо Марковски, ја отвора новата сезона во Првата лига, а денеска ќе гостува во Кратово. Силекс по една пауза повторно е дел од елитата и ќе сака да освои три бода на стартот.

Сепак, „романтичарите“ исто така планираат поволен резултат од денешниот дуел.

„Работевме напорно во изминатиот период и верувам дека сме добро подготвени за почетокот на новата сезона во Првата фудбалска лига. Се надевам дека ќе прикажеме добра игра и ќе оствариме поволен резултат. Имаме максимален респект за противникот, но секако веруваме и во нашите квалитети“, вели шефот на стручниот штаб, Љупчо Марковски.

Во Струмица, Академија Пандев ќе го пречека тимот на Брегалница. Штипјани имаат посилен тим од лани, а тренерот Илчо Ѓорѓиоски е оптимист.

„Мотото на Брегалница и во новата сезона ќе биде чекор по чекор до својата цел. Јасно е дека буквално секој натпревар е најважниот за нас во првенството, и така верувам ќе се однесуваме на терен. Но, ако нешто знам тоа знам дека моите фудбалери на сите средби ќе дадат се од себе за да дојдат до позитивни резултати“, вели Илчо Ѓорѓиоски, тренерот на Брегалница.

Денешните два натпревари во Струмица и во Кратово се закажани за 17.30 часот.

Вчера, во отворањето на сезоната, Струга Трим Лум ја совлада Победа со 3-0.

Натпреварот Шкендија – Скопје е доложен за 17 август, додека мечот Тиквеш – Шкупи ќе се одигра на 7 септември.

Scroll to Top